Потребно е да се согласите со правилата и условите за користење на ЕНЕР

ПРАВИЛА И УСЛОВИ ЗА КОРИСТЕЊЕ НА ЕНЕР ОД СТРАНА НА РЕГИСТРИРАН КОРИСНИК


1. Општи одредби


Овие Правила и услови се однесуваат на користењето на Единствениот национален електронски регистар на прописи на Република Македонија (во понатамошниот текст: ЕНЕР) од страна на веќе регистриран корисник или лице кое сака да се регистрира. ЕНЕР е достапен на веб локацијата:https://ener.gov.mk/ и содржи прописи во Република Македонија и предлог прописина министерствата во фаза на подготовка. ЕНЕР претставува алатка наменета за електронско информирање на граѓаните на РМ, невладиниот сектор, деловните субјекти, синдикатите, стопанските комори, здруженијата и фондации, односно сите физички и правни лица кои можат да бидат директно или индиректно засегнати од спроведувањето на законите и другите прописи или кои ги застапуваат интересите на одредени групи во општеството. Вашата регистрација и/или понатамошното користење на функционалностите на ЕНЕР претставува Ваше согласување со овие Правила и услови. Доколку не ги следите и не постапувате согласно овие Правила и услови, Министерството за информатичко општество и администрација (во понатамошниот текст: МИОА) може да го де-активира Вашиот кориснички профил и со тоа да ви биде оневозможено понатамошно користење на функционалностите на ЕНЕР.


2. Регистрација и управување со кориснички профил


Со ЕНЕР управува МИОА. МИОА ја активира регистрацијата на администраторите од институции, кои пак ја активираат регистрацијата на владините уредници. Регистрацијата на јавните корисници не подлежи на активирање.


За Вие лично да ги користите функционалностите на ЕНЕР потребно е да се регистрирате преку пополнување на веб формата за регистрација. Вашето корисничко име во ЕНЕРе валидна адреса за е-пошта која Вие ја избирате и внесувате при регистрација. Корисничкото име не може да го менувате и по него се следат записите за преземени дејствија во системот од Ваша страна. Исто така, Вие, по сопствен избор, ја креирате и Вашата лозинка. Доколку сакате, можете да ја менувате прв пат внесената лозинка, како и секоја подоцна креирана лозинка.


Доколку сте ја заборавиле Вашата лозинка, тогаш преку линкот „Нова лозинка“, кој се наоѓа подполињата за најава на регистриран корисник во ЕНЕР, ја активирате процедурата за креирање нова лозинка.


Вашиот кориснички профил ќе биде де-активиран од страна на:
- МИОА, доколку повеќе не ја извршувате улогата на администратор во институција,
- администратор во институција, доколку повеќе не ја извршувате улогата на владин уредник, и
- МИОА, доколку како корисник не ги следите и не постапувате согласно овие Правила и услови.


Де-активацијата значи дека повеќе не можете да ги користите функционалностите на ЕНЕР, но Вашиот кориснички профил нема да биде избришан од базата на податоци.


3. Внесување, ажурирање и заштита на личните податоци во ЕНЕР


Со внесување на податоци во соодветните полиња од веб образецот за регистрација, Вие ја потврдувате нивната точност и ажурност. Ако било кој податок внесен во веб образецот за регистрација се промени, може да го ажурирате преку користење на линкот „Кориснички профил“ кој му е достапен на секој најавен корисник.


МИОА има воспоставено и применува систем на технички и организациски мерки за обезбедување на тајност и заштита на обработката на лични податоци кои соодветно се применуваат и за личните податоци што се обработуваат преку ЕНЕР.


Со Вашето регистрирање и отворање кориснички профил на ЕНЕР и Вие преземате одговорност за зачувување на доверливоста на вашите лични податоци. Заради заштита од злоупотреби, личните податоци внесени во ЕНЕР не треба да ги откривате на трети лица и лично треба да пристапувате и да го користите корисничкиот профил на ЕНЕР и да оневозможите користење на Вашиот профил од страна на било кое друго лице.


Ако од било која причина сметате дека Вашиот кориснички профил не е повеќе безбеден (на пример, во случај на губење, крадење или неовластено откривање или користење на вашето корисничко име/лозинка и лични податоци), мора веднаш да го промените податокот преку користење на соодветниот механизам за промена или да го контактирате МИОА на следната адреса: ener@ener.gov.mk.


Доколку се соочите со било каков проблем при внесување или ажурирање на податоците, треба да го контактирате МИОА.


4. Дозволен начин на користење на ЕНЕР


Не може да овластите други лица да го користат Вашиот кориснички профил на ЕНЕР, а доколку го направите тоа одговорноста за преземените дејствија од страна на оние за кои сте им дозволиле да го користат Вашиот профил е целосно Ваша.


ЕНЕР смеете да го користите само за целите за кои е креиран и воспоставен.


Преку ЕНЕР не смеете да објавувате или обезбедувате пристап до содржини (текстови, графички елементи, фотографии, слики, видео или аудио материјали) со кои би се повределе нечии авторски права, интелектуална сопственост, деловни тајни или било кој друг вид лични или сопственички права на било која трета страна, а доколку тоа го направите мора да биде со претходна согласност на сопствениците на тие права. Преку ЕНЕР не смеете да објавувате или обезбедувате пристап до содржини со кои се нарушува нечија приватност. Преку ЕНЕР не смеете да објавувате или обезбедувате пристап до содржини со кои се нарушуваат основните слободи и права на граѓаните на РМ, односно да објавувате недолична, неморална и навредлива содржина.


Вие се согласувате дека нема да се обидувате да го нарушувате, напаѓате, модифицирате или преземете друго дејствие со кои може да предизвикате негативни последици по функционирањето на ЕНЕР или по користењето на ЕНЕР од страна на другите корисници.


5. Завршни одредби


Овие Правила и услови за користење на ЕНЕР може повремено да се менуваат. Информација за направените промени ќе се објавува во линкот „Новости“ на ЕНЕР. Вашиот континуиран пристап на веб локацијата на ЕНЕР ќе значи дека ги прифаќате сите измени на Правилата и условите за користење на ЕНЕР.


Со кликнување на копчето „Се согласувам“ потврдувате дека сте ги прочитале, разбрале и ги прифаќате Правилата и условите за користење на ЕНЕР.

ENER

...за ЕНЕР

 

Консултации

Јакнењето на односите помеѓу Владата и невладиниот сектор е клучно начело за добро владеење и преставува неопходна инвестиција во процесот на креирање квалитетни политики. Преку учеството на засегнатите страни, Владата има пристап до нови извори на идеи, информации и ресурси кои се важни во процесот на креирање на политики и донесување на одлуки. Консултациите придонесуваат кон градење на меѓусебната добверба, развивање на квалитетот на демократијата и јакнење на капацитетите на невладиниот сектор.

Владата на Република Македонија од 2006 година спроведува иницијативи фокусирани на регулаторната реформа. Притоа, како поддршка на консултативниот процес се изработени Методологија за процена на влијание на регулативата (ПВР), Упатството за начинот на постапување во работата на министерствата во процесот на спроведување на проценка на влијанието на регулативата, Кодекс за консултации со јавноста за време на подготвувањето на регулативата, Прирачник за  ПВР,  Прирачник за засегнати-Консултации во процесот на креирање на политики во Владата на Република Македонија. Овие материјали го објаснуваат консултативниот процес и претставуваат како тој најдобро да се спроведе и што можат граѓаните да очекуваат од Владата при спроведување консултации.

Владата на Република Македонија e посветена на ефективни консултации со засегнатите страни, и тоа, на консултации кои се јасно и ефективно насочени кон оние на кои директно се однесува регулативата. Една од најпрагматичните алатки кои ја поддржуват оваа определба преставува Единствениот национален електронски регистар на прописи – ЕНЕР.

 

Што е ЕНЕР?

Единствениот национален електронски регистар на прописи - ЕНЕР претставува електронски систем кој покрај постојните прописи во Република Македонија ги содржи и Известувања за почетокот за подготовка на предлог закон, предлог Извештаите за ПВР,  предлог законите на министерствата во фаза на подготовка, пречистени текстови на закони, Годишни планови за спроведување на ПВР по министерства, релевантни документи прозлезени од анализите спроведени од страна на министерствата како и коментарите, ставовите и мислењата од засегнатите стани по конкретни предлог законски решенија.


ЕНЕР претставува алатка првенствено наменета за електронско информирање на граѓаните на РМ, како и на претставниците од невладините организации, стопански комори, правни лица, претставниците на владата, како и на одделните министерства.


Преку процесот на Проценка на влијанието на регулативата (Regulatory Impact Assessment - RIA) кој подразбира и спроведување на соодветни и временски координирани консултации со јавноста, во ЕНЕР преку доставување предлози, мислења и забелешки можат навремено да се вклучат засегнатите страни во креирањето на регулативите. На тој начин се постигнува поголема предвидливост на истите и секако транспарентност на целокупниот процес.

Единствениот национален електронски регистар на прописи - ЕНЕР е електронски систем кој содржи постојни прописи, предлог-закони на министерствата во фаза на подготовка, и извештај од спроведената проценка на влијанието на регулативата - ПВР.

 

За што е наменет ЕНЕР?

·         за електронско информирање на граѓаните и невладините организации, деловните субјекти и министерствата,

·         за поддршка на процесот на Проценка на влијанието на регулативата (ПВР),

·         за вклучување на јавноста во подобрување на предлог-законите, кога тие се креираат,

·         за поголема транспарентност при донесување на предлог-закони од страна на Владата и поттикнување на учество на јавноста при подготовка на прописите.

 

Како до редовни коментари и информации?

Преку зачленувањето на ЕНЕР:

·         давајте коментари, предлози и мислења,

·         изберете своја област на интерес за навремено добивање известувања за новините на ЕНЕР,

·         дознајте кои прописи се најинтересни и добиле најмногу коментари од корисниците на ЕНЕР,

·         имајте увид во прописот и коментарите на корисниците на ЕНЕР,

·         следете ги 10-те најнови предложени прописи кои сè уште не се утврдени од Владата и вклучете се.

 

Правна рамка


Согласно Деловникот за работа на Владата на Република Македонија и Методологијата за проценка на влијанието на регулативата, Министерствата, предлозите за донесување на закон, нацртите и предлозите на закони, освен законите кои се донесуваат по итна постапка, законите за ратификација на меѓународни договори, законите со кои се вршат интервенции од нормативно - правен карактер, и тоа: номотехнички интервенции, терминолошко усогласување со други закони и јазично или редакциско уредување на текстот на законот, предлог Буџетот и Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија мора задолжително да ги објават на ЕНЕР и да бидат достапни за коментари од јавноста. Секоја заинтересирана страна може на ЕНЕР да достави мислење, забелешки и предлози во врска со објавените предлози за донесување закон, нацртите и предлозите на законите во рок од 20 дена од денот на објавувањето.


Преглед на член/68-а од Деловникот за работа на Владата на Република Македонија со кој а се нормира обврската за објава на ЕНЕР:

 (1) Предлозите за донесување закон, нацртите и предлозите на закони, надлежното министерство ги објавува на својата интернет страница и во единствениот национален електронски регистар на прописи.

(2) Кога со предлогот на закон се менува најмалку една петтина од одредбите на постојниот закон, надлежното министерство објавува и текст на законот во кој се интегрирани предложените измени.

(3) Предлозите на закони чие донесување се предлага по итна постапка, надлежното министерство не ги објавува на својата интернет страница и во единствениот национален електронски регистар на прописи.

(4) Секоја заинтересирана страна може во единствениот електронски регистар на прописи да достави мислење, забелешки и предлози во врска со објавените предлози за донесување закон, нацртите и предлозите на законите во рок од 20 дена од денот на објавувањето.

(5)Надлежното министерство во извештајот за проценка на влијанијата на регулативата дава преглед на добиените мислења во кој ги наведува причините, поради кои забелешките и предлозите не се прифатени и истиот го објавува на својата интернет страницата и во единствениот електронски регистар на прописи.

(6) Предлозите за донесување закон, нацртите и предлозите на закони и извештаите од            ставот (5) на овој член остануваат објавени на интернет страницата на надлежното министерство и во единствениот електронски регистар на прописи една година од денот на влегувањето во сила на законот.

 

 




Број на посети на сајтот: 1034381
Моментално присутни корисници: 45